Втор ден протест на вработените во 7 министерства и во два државни органи, поради одбивањето на Министерството за финансии да ги прифати Предлог- колективните договори со кои додатоците на платите би им се зголемиле за 30%. А, главниот протест се одржа пред Министерството за култура и туризам, чии вработени и пред 2 години го кренаа гласот за истиот проблем. Тие денеска ја повикаа владата и премиерот, да не дозволат нерамноправен третман на овие со вработените во другите институции кои добија покачување на платите за 30%.
- Платите на 70% од вработените во министерството се под просечната плата во РСМ, а разликата со платите на вработените на исти позиции во државните органи кои го добија додатокот на основната плата е 30%. Ние го поздравуваме покачувањето на платите на нашите колеги од останатите државни органи , но истовремено бараме од министерот за финансии, Владата и од премиерот, да не дозволат нерамноправен третман на вработените во државните органи, рече Бранко Костовски, претседател на Синдикална организација на Министерството за култура при УПОЗ.
А, од УПОЗ ја повикаа владата побргу да почнат преговори за изнаоѓање заеднички прифатливо решение на проблемот и ги демантираа вчерашните изјави на власта и опозицијата во врска со протестот.
- Нашите барања се исти со години наназад. И секој обид од страна на владата или политичките партии да докажат дека има политика во протестите или во работата на Синдикатот , ќе им биде залуден. Да ја замолам сегашната опозиција да не се лепи на овие протести бидејќи имаа 7 години да го решат овој проблем. Но, наместо да го решат , направија сѐ што можат да го забранат колективното договарање , па дури беа и првата влада која поништи Колективен договор, кажа Трпе Деаноски – претседател на УПОЗ.
Одговарајќи на новинарски прашања Деаноски кажа дека до сега двапати присуствувале на Економско- социјалниот совет, но кога прашале за зголемување на платите им било кажано дека се предвидени средства, сагласно законот и Општиот колективен договор , што сега не се спроведува и дека во поедини министерства вработените што протестираат биле изложени на притисоци да не протестираат. Но, за кои министерства се работи, Деаноски рече дека ќе обелодени до петок.
A, од Владата денеска велат дека протестите се малициозни и политики мотивирани и признаваат дека платите не се високи, но можностите за зголемување се лимитирани.
Зголемувањето на платите за 30% во државната администрација значи зголемување за 6000 денари. Нивните почетни плати сега изнесуваат 25010,00 денари, а просечните 29 000 . Со зголемувањето за 30% платите повторно ќе бидат под просечните во државата , во висина од 42124 денари.
Сотир Трајков











