Млад полицаец од Виница се повредил и се ранил во рака додека „ракувал“ со службениот пиштол иако не бил на смена, соопшти МВР. Инцидентот се случил во апартман во Охрид, а 22-годишниот полицаец се ранил во левата рака и е згрижен во болница.
Од МВР нема повеќе детали како полицаецот заедно со службеното оружје се нашол во стан во Охрид, дали бил на летување или бил ангажиран за време на празникот на охридскиот брег. Единствено е соопштено дека тој „не бил работно ангажиран“.
Нема ниту податоци дали во апартманот бил со други колеги или со други луѓе кога го извадил пиштолот и се застрелал. Отворена е истрага.
Известувањето од билтенот на МВР во продолжение:
На 02.08.2025 во 12.22 часот во СВР Охрид е пријавено дека полицискиот службеник Д.Д.(22) од Виница, кој бил сместен во апартман во охридска населба и не бил работно ангажиран, се повредил при ракување со службено оружје-пиштол. Тој бил пренесен во Општата болница во Охрид, каде била констатирана прострелна рана во левата рака. Се преземаат мерки за целосно расветлување на настанот.











