-Во Владата, преку авторски договори, се ангажирани 43 лица. Бројот на добиени согласности за авторски договори од Министерството за финансии за 2022 година е 63. Во моментов се ангажирани 12 лица преку приватна агенција за привремени вработувања, ни одговорија од владата на прашање за бројот на ангажирани автори.
Вчера ДКСК предупреди дека станува збор за лоша пракса бидејќи најголем дел од авторски ангажираните се лица кои извршуваат исти или слични работни обврски со веќе вработени во државната администрација. За 4 години биле потрошени околу 2,5 милиони евра за авторски вработувања поради што ДКСК покрена иницијатива до јавното обвинителство за кривичен прогон на поранешните генерални секретари во владата Мухамед Зекири и Драги Рашковски.
Од владата не одговорија на прашањето каков е коментарот за наодите на антикорупциската комисија и нивните сугестии, а соопштија колку се троши на овие договори преку авторска агенција.
-За авторските договори, на месечно ниво, се издвојуваат 1.312.975,00 денари, додека ангажманот на лицата преку приватната агенција за привремени вработувања на месечно ниво изнесува 284.978,00 денари. Секогаш се ангажираат лица за специфични задачи за кои нема доволно кадар од редот на вработените, одговорија од владата.











