Минатата среда, Собранието ги изгласа измените на Законот за централен регистар со кој повторно е вратена можноста новинарите при истражување да може да побараат и бесплатно да добијат податоци од централниот регистар.
Таа можност беше укината со доаѓањето на нов директор во Централниот регистар по промената на власта и престана примената на владина одлука, документи да се издаваат бесплатно по барање на новинари во рамки на истражувања. По реакции и критики од новинарите, новинарските здруженија и меѓународниот фактор, владата подготви предлог закон со измена со која се враќа тоа право на новинарите.
Минатата среда е изменет законот и во членот 18А од законот за Централен Регистар е додадена одредбата со која надоместокот за издавање документи „не се наплаќа на новинари кои ќе достават писмено барање до Централниот регистар за користење на податоци за истражувачки цели, заверено од страна на галавниот уредник на медиумот во кој е вработен новинарот“.
Мерката првично беше воведена пред 7 години преку владина одлука. Истражувачките новинари ја користеа во своите истражувања за да добијат податоци за фирми, компании, нивни сопственици, како и за вистинските сопственици кои се наоѓаат во даночните раеви и познати оф-шор дестинации.











