Од СДСМ обвинија дека во ресорот земјоделие продолжува корупцијата о потсетија на скандалот со ИПАРД програмата, кога поради примање мито беше супендирана земјоделска помош во вредност од 130 милиони евра.
Опозицијата бара истрага до врвот за да се утврди кој се друг е вмешан во новиот случај со мито во земјоделството, бидејќи според нив не е можно да има корупција само во пониските ешалони на структурите на власта.
-Блокираната ИПАРД 3 програмата, намалени субвенции за 40%, намалени откупни цени, заради криминалците од власта страдаат земјоделците. Прашањето е кој друг од власта е вмешан? Не може толку многу корупција да има на пониските ешалони а оние од врвот во Министерството и во најкорумпираната Владата на Мицкоски да не знаеле. СДСМ бара темелна истрага која ќе утврди одговорност од првиот до последниот, соопштија од опозициската партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак им возвратија дека многу корупциски скандали поминале низ СДСМ, а актуелната влада е на став дека треба да одговара секој кој се огрешил спрема законите.
-Уште еднаш би сакал да го повториме нашиот став, кој е јасен, концизен и недвосмислен а тоа е, секој кој се огрешил спрема законот, без разлика дали е од СДС, ВМРО-ДПМНЕ, или било која друга политичка партија, треба да одговара. Сите мора да бидеме еднакви пред законот и со законот нема играње, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
-СДС се однесува како мало дете на кое ќе му дадат колач и така се радува, исто така тие се радуваат и им е многу убаво на душата кога ќе се случи некаков криминал или корупција, а уште па ако личноста на некаков начин се поврзе со ВМРО-ДПМНЕ, тоа за нив е полн погодок. Кога нивни лица се апсеа и се приведуваа за кои има основани сомнение дека сториле криминал, еве на пример Артан Груби, ние од СДС не слушнавме ниту дистанцирање ниту оградување, туку само бранење на криминалот кој тие директно или индиректно го овозможувале, рече Манасиевски.











