За следното лето, Македонија ќе треба да има и најмалку еден нов армиски хеликоптер кој ќе може да се користат за гаснење на пожари, а министерот за одбрана Владо Мисајловски рече дека досега за таа набавка се исплатени над 75 милиони евра односно околу 30 проценти од вкупната зделка. Министерот за одбрана Владо Мисајловски рече дека е ангажирана и странска адвокатска фирма за да се разгледаат правните предизвици за договорот кој лани пред избори го потпиша неговата претходничка и претходната влада.
Македонија досега исплатила околу 75 милиони евра за новите армиски хеликоптери кои треба да ги испорача италијанската компанија Леонардо. Првиот од 8-те армиски хеликоптери треба да биде испорачан во првата половина на наредната 2026-та година, а министерот за одбрана вели дека со адвокатска канцеларија се проверуваат правните предизвици од договорот кој го потпиша и во наследство го остави претходната влада.
-Набавката е во тек, знаете дека претходната влада ја има потпишано таа набавка, има многу правни предизвици. До овој момент е исплатена и втората рата и досега се исплатени над 70 милиони евра. Ние со адвокатска компанија работиме секојдневно за отстранување на секој еден предизвик што го имаме, одговори министерот Мисајловски на прашањето на Телма.
Но, и покрај адвокатските проверки оваа пролет стигнала втората рата која морала да биде исплатена согласно договорот влада со влада. Вкупната набавка за 8-те хеликоптери чини 249 и пол милиони евра, а Леонардо треба да обезбеди обука на пилотскиот и механичарскиот кадар, хангар за 8-те хеликоптери, достапност на симулатор и сервис и одржување на леталата.
-Беше ангажиран меѓународен правен тим од експерти со цел анализа на договорот и правна поддршка во делот на целосна имплементација на договорот кој е склучен врз основа на швајцарското законодавство. Првиот хеликоптер согласно договорот се очекува да пристигне во втората половина на 2026 а на претстојната средба ќе утврди и испораката на останатите седум, ни појаснија од Министерството за одбрана.
Како ќе се одвива понатаму набавката ќе се знае по планираната посета на фирмата Леонардо.
-Да, хеликоптерите ќе имаат можност да дејствуваат на сите видови пожари и има опрема што дополнително се става на нив. Набрзо очекуваме да имаме работна посета на Италија, каде што ќе видиме на место што се е направено и транспарентно ќе објасниме до каде е целата постапка, вели Мисајловски.
Договорот беше потпишан лани во предизборниот период, но ги помина и собраниските филтри за набавка на оружје и опрема за армијата. Тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше договорот бидејќи се потпишува пред избори и не се набавуваат потребен тип на хеликоптери, а изразија и сомнежи дека не е избрана најдобрата понуда. Досега тие наводи не се поткрепени со докази, но поради нив беше и ангажиран адвокатска фирма од странство.
За набавката беше отворен и предмет во Антикорупциската комисија, но се доцнеше со негова работа поради немање на сертификати за „ДРЖАВНА ТАЈНА“ на повеќе членови меѓу кои и на екс претседателката Татјана Димитровска, за која друг полагал влезен тест за да може да аплицира за таков безбедносен сертификат.
Дополнително, предметот е огромен и поради документацијата за зделката, но и за изборот на фирмата Леонардо во конкуренција со други три компании и конзорциуми при набавката.
Миомир Серафиновиќ
Одговор од Министерството за одбрана на прашањата на Телма за набавката:
Во однос на вашите прашања Ве информираме дека целокупната постапка до склучувањето на договорот за набавка се соочува со правни предизвици. Токму од тој аспект беше ангажиран меѓународен правен тим од експерти со цел анализа на договорот и правна поддршка во делот на целосна имплементација на договорот кој е склучен врз основа на швајцарското законодавство.
Министерството за одбрана во континуитет е во координација и со правниот тим и со компанијата Леонардо и во следниов период е предвидена посета на компанијата со цел увид во делот на досега извршената работа како и координација односно идните чекори од двете страни согласно препораките од правниот тим.
До овој момент исплатени се 74.970.000 милиони евра (авансот од речиси 40 милиони евра и втората рата во висина од речиси 35 милиони евра) согласно обврските кои ги имаме како држава кон производителот.
Првиот хеликоптер согласно договорот се очекува да пристигне во втората половина на 2026 а на претстојната средба ќе ќе утврди и испораката на останатите седум.











