Мојот живот е поделен на два дела, пред и по 16 март оваа година. Секое станување наутро е соочување со реалноста, празнината, загубата. Агонијата секој ден е сè поголема. Со болката се бориме на некој начин, но не можеме никогаш да се помириме. Ѝ завидувам само на една личност која е најодговорна за смртта на моето дете. Неговиот син е до него, мојот не е, сведочеше Марија Петрушева, мајка на 24-годишниот Андреј кој го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на денешното рочиште во судницата во „Идризово“.
„Се наведнав, ги превртував телата, го барав Андреј, викав по него за да ме слушне. Прв братучед ме слушнал, ми рече дека се со амбулантна кола во болница. Кристијан бил добар, а Андреј имал слаб пулс. Сопругот влезе да ги бара. Многумина кои влегоа се онесвестија. Веднаш го побарав сопругот и му кажав дека децата се во болница. Во тој момент самото тоа што ми го кажаа, дека со кола се во болница, ми даваше некоја сигурност дека ќе им се пружи помош. Не сфаќав дека се мртви децата што ги гледав, мислев дека се онесвестени“, рече Петрушева.
Сопственото семејство го опиша како нормално, скромно. Раскажа дека нејзиниот, сега починат, син Андреј работел во ресторанот „Престиж“, шест месеци работел и во Хрватска, каде требал повторно да оди на 1 април во 2026 година заедно со брат му.
„Таа вечер го викнаа на испомош во „Пулс“, зашто ќе имало многу гости. И другиот син беше повикан да оди на еден час. Кристијан рече дека нема да оди, а и Андреј рече дека ако најде замена и тој нема да оди, но и двајцата отишле. Во 18.30 часот последен пат се слушнав со Андреј“, раскажа Петрушева.
Првите сирени ги слушнале по полноќ, околу 02:45 часот, но не се вознемириле оти првично помислиле дека станува збор за сообраќајка. Петнаесетина минути подоцна, кога слушнале и противпожарно возило, помислиле дека се случува нешто големо и сериозно. Мирисот на чад бил првиот аларм за паника.
„Почнав да ѕвонам на двајцата синови, на едниот, на другиот, но одговор немаше. На Андреј му пишав и на Инстаграм, но пораката до ден денеска стои непрочитана. Облековме само патики и тргнавме кон „Пулс“ преку споредни улици, затоа што на главната улица имаше многу коли. Веќе го гледавме големиот пламен. Прашавме едни деца и ни потврдија дека „Пулс“ гори. Тогаш ѝ ѕвонев и на мојата мајка да ја прашам дали се вратил или е во дискотеката. Ми кажа дека бил дома да се пресоблече и дека во 2 часот заминал во дискотеката“, изјави Петрушева.
Таа ја опиша и атмосферата пред дискотеката. Наишле на растрчани деца и родители и многу тела пред „Пулс“, дел од нив, како што рече, „не се ни препознаваа“. Откако дознале дека нивните синови се наоѓаат во болница, се упатиле таму.
„На влезот на итната помош уште поголем ужас. Цел ходник беше со легнати деца на подот, на клупите, кои исцрнети до непрепознавање, кои изгорени. Викав по Кристијан, логично ми беше дека е со неговиот брат, дека е свесен и треба да ме слушне. Пред крајот на ходникот, во соба број 2, која се наоѓа спроти другиот влез на интерно, налетав на Кристијан кој влегуваше во тој момент. „Мамо, што овде? – Мамо не успеавме, не го спасивме брат ми.““, кажа Петрушева.
Нејзиниот син Андреј, како што изјави, го нашла на кревет во соба 2. Рече дека изгледал нормално, немал изгореници, единствено розева изгореница, имал и канила.
„Андреј изгледаше толку живо, што воопшто не изгледаше мртов. Си реков докторите не знаат што зборуваат. Почнавме да му даваме вештачко дишење. Кога му давав, испушташе некој воздух, необични звуци. Мислев дека се враќа. Го оживуваме, реков стискај ти посилно, многу време го реанимиравме. Не можев, умот, не ми даваше да се помирам дека е мртов, дека не е можно тоа што го гледам. Му реков на сопругот: Оди барај други доктори, мора да ми го вратат Андреј. Поминуваше доктор од Оризари, сопругот го повлече. Му велев: Докторе, спаси го. Нема пулс, ми кажа дека се лади. Докторот додека не утврди смрт, јас не прифаќав. Сопругот ми викаше „доста го мачиш и него не можеме да го вратиме“. Им реков да ме остават за последен пат да го гушнам и да легнам до него“, рече Петрушева, чиј емотивен исказ не остави рамнодушен никого во судницата.
С.Д.











