Oд увоз до рафт во маркет маржата на некои производи достигнува 40, па дури и 70 отсто. Ова го покажале анализите на пазарниот инспекторат кои деновиве ја проверуваат документацијата на производителите, добавувачите, трговците, односно на целиот синџир.
Ова значи дека ако увозната цена на еден производ е 1.000 денари до маркетите оди со цена од 1.400, па и повеќе денари. Од пазарна за Телма соопштуваат дека со вакви маржи се отвара простор за интервенција, но дали и какви мерки ќе се воведат оставаат на Владата.
Најавите се дека извештајот од анализите треба да го добие Министерството за економија, а денеска и на владина седница да се дискутира дали и како ќе се решава проблемот со цените. Од бизнис заедницата пак велат ако се интервенира да се внимава мерките да бидат во согласност со пазарната и економска логика.
За високите цени проблемот го гледаат и во царинските стапки кои се едни од повисоките во регионот. Бараат да бидат тргнати.











