На средба во Правда влегоа со список на барања, а излегоа со празни раце. Матичарите од Управата за водење на матичните книги како и многу други сектори од државната администрација, бараат повисоки плати поради порастот на минималецот. И утре ќе продолжат да штрајкуваат, откако денешната средба со министерот Тупанчески не даде резултат за главното барање на овие административци.
Не ни дадоа никаква понуда за зголемување на платите. Само кажаа дека нема законска рамка, односно основа за исполнување на барањата, изјави Тони Милошески – Претседател на Независниот синдикат на Управата за водење на матичните книги
Не можеме секогаш да се вадиме на криза. Криза, криза ама некои во кризата се збогатија и станаа мултимилионери, на грбот на работникот, изјави Марјан Ристески – Претседател на КСОМ
Од Министерството за правда велат дека состаноците и средбите ќе продолжат и во следниот период. Ги прифатиле дел од барањата на Синдикатот на матично – да има интерни унапредувања на работните позиции, но и да се воведе јубилејна награда. За Колективен договор, од Правда порачуваат да се започне процедурата.
- Независниот синдикат во соработка со раководството на Управата веднаш да отпочнат со разговори за подготовка на нов Колективен договор кој ќе биде во согласност со Законот за административни службеници. Вработените во Управата имаат можност да остварат и додаток на плата на административен службеник до 30%., порачаа од Министерство за правда.
Матично една недела е во штрајк. Оваа институција која брои околу петстотини вработени низ државата не издава изводи од матичните книги на родени и на умрени, а да склучат брак можат само оние кои закажале термин до 26 април. Сепак од штрајкот се изземени оние со итни потреби за документ заради патување, лекување и слична неодложност.
Петар Догов











