Просечната оценка од државната мaтура во јунскиот рок е 3,69, што е највисока во последните три години. Матурантите покажаа подобри резултати од лани, кога просекот беше 3,26. Според оценките, оваа генерација има повеќе знаење по мајчините јазици, странските јазици, а половина од оние кои полагаа математика добија петки.
„Оваа година имаме повисок просек кај мајчините јазици, по англиски јазик лани успехот беше 3,06, а сега 3,65, благодарение на новата испитна програма. Особено ме радува успехот по математика, 651 ученици добија петка. Тоа покажува дека не е толку тешко да се полага математика“, изјави директорката на ДИЦ, Даниела Јовчевска Михајловска.
Статистиките покажуваат пораст во успехот, но сè уште останува прашањето дали овие резултати се реален одраз на знаењето на учениците или тестовите биле полесни? – Министерката за образование Весна Јаневска вели дека прашањата биле поконкретни и подобро срочени, но и потешки, а такви ќе бидат и во иднина. Задоволна е од постигнатите резултати и вели оваа генерација е поодговорна, а учениците разбрале што е нивната работа.
„Би сакала да се заблагодарам на наставниците, учениците и родителите што нашите апели за значењето на знаењето и почитувањето на училиштата допреа до нив и ова е очигледно со резултатите кои оваа година ги постигнаа учениците, изјави министерката за образование“, изјави Весна Јаневска.
Во јунскиот рок државна матура полагаа 15.004 матуранти, биле поднесени 507 приговори, а 172 ученици се обиделе да препишуваат. Матурантите кои во јуни не ја положија државната матура или не во целост, ќе полагаат во августовската сесија. На 12 август е испитот по мајчин јазик и литература, а на 14 август е полагањето на изборниот екстерен испит.
Емилија Мисирлиевски











