Премиерот на Косово не кажа ништо посебно, само кажа дека во Северна Македонија нема закон за албанскиот јазик, има Закон за јазиците. Истото и јас го тврдам – дека и досега немало посебен закон за албанскиот јазик, изјави првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.
Реакцијата на ДУИ на изјавата на косовскиот премиер Албин Курти, Меџити ја оцени како „хистерична“, спомнувајќи дека партијата на Али Ахмети така реагирала и на укинувањето на балансерот – алатката за вработување во јавната администрација по етнички клуч.
„Хистерични се. За да сфатите како реагираат ДУИ на овие работи: министрите на ДУИ во минатата влада имаат дадено писмено мислење во врска со балансерот и сите, до еден, дадоа негативно мислење дека на балансерот му е поминат рокот, дека е несоодветен механизам, и истите тие, кога се укина од Уставниот суд, од судии кои беа избрани од нивното мнозинство, тие излегуваат и протестираат зошто се укинува балансерот. А самите го барале тоа. Значи, луѓето се во паника, немаат визија и никако да се соочат со новата реалност дека се во тешка опозиција“, изјави Меџити по отворањето на „Народните правобранители и националните институции за човекови права и животната средина“.
Запрашан дека премиерот Христијан Мицкоски кажал оти „речиси сите земји членки на ЕУ поддржуваат уставни измени со одложено дејство“ и кои се тие земји, првиот вицепремиер не одговори конкретно, но рече дека „тие се во врвот на приоритетите на оваа европски ориентирана влада“.
„Работиме секојдневно со нашите стратешки партнери и сум оптимист дека во оваа насока ќе успееме“, рече Меџити.
Во врска со најавата на пратеникот Ријад Шаќири од коалицијата Вреди „за закон за бранителите на ОНА“, вицепремиерот одговори; „деталите за тоа со него“.











