Злоупотреба на службената положба од вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити нема, пречесе Владата до која опозициската СДСМ денеска достави документи доставени од свиркачи. Експресно, еден час откако документите ги достави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, се огласија и од Владата од каде се на став дека станува збор за воспоставена пракса.
„Инспекцискиот надзор спроведен од Управниот инспекторат се однесува на аспекти на архивското работење и не утврдил незаконско постапување. Оваа административна пракса на работа е воспоставена уште во 2017 година и континуирано се применувала под раководство на министри од СДСМ и ДУИ во претходните влади. Ако по логиката на Кузевска тоа е прекршување на законите, тогаш значи дека законот бил прекршен од Владата на СДСМ и ДУИ“, велат од Влада.
Според СДСМ, пак, постапките на Меџити отвориле простор за сомнеж дека тој уценувал фирми на тој начин што самиот одобрувал или отфрлал предмети и документи.
Вицепремиерот и министер Меџити нагласи дека станува збор за воспоставена пракса токму од министрите од ДУИ и СДСМ кои ги обвини за синхронизирани напади и додаде дека одлуката на Државниот управен инспекторат е обжалена.
Вицепремиерот Меџити деновиве се најде во фокусот на јавноста по судирот со колегата од Влада министерот Минчев, откако на партиска трибина најави вработувања на етнички Албанци во државната администрација што Минчев кажа дека е невозможно без законска процедура, а потоа и премиерот Мицкоски кажа дека законот за правична застапеност ќе биде системско решение и дека нема да дозволи списоци со вработувања по партиски или етнички клуч.
Огнен Чанчаревиќ











