Меѓународната заедница е разочарана од ДУИ, затоа што тие се мешаат во правосудниот систем. Ова е коментарот на премиерот Мицкоски, откако го слушнал ставот на интегративците.
Партијата на Ахмети пред неколку дена ги навести потезите во случај Владата да се обиде да го измени Законот за употреба на јазиците. Од бојкот на локалните, па сѐ до закана дека нема да дозволат воопшто да се постават избирачките кутии за денот на гласањето. Прво се огласи лидерот Ахмети, за потоа потпретседателот Османи да најави длабока политичка криза.
Претседателот на Владата вели – секој има право на избор како делува политички. Утрово разговарал со министерот за надворешни, Муцунски, кој му ја пренел загриженоста од меѓународната заедница за последните случувања.
„Дел од нив рекоа дека и лично разговарале со претставници од ДУИ и дека ова кај нив предизвикало многу негативни емоции и големо разочарување, бидејќи еден од основните постулати во демократијата е немешањето во правниот поредок на една суверена демократска држава. Мислам дека таму владее една паника и страв што се гледа од коментарите на овие челници на ДУИ, а за што станува збор – многу скоро ќе биде сведок и јавноста“, изјави премиерот Христијан Мицкоски
„Ако се допре Законот за јазиците нема да има политика без да се врати Балансерот, Бадентерот и без гаранции за јазикот и без парламентарни избори“, порача Османи во телевизиско гостување.
Но, најголемите парламентарни партии веднаш им возвратија на интегративците – „не сте во позиција да поставувате услови“.
Темата за Законот за употреба на јазиците повторно стана актуелна во пресрет на подготвителната седница на Уставниот суд, која според најавите треба да се одржи во втората половина на март.
Минатата година, Уставниот суд расправаше по иницијатива за оценување на уставноста на Законот за јазици, поради што ДУИ постави шатори пред судот, настан којшто се поклопи со ставањето на поранешниот партиски функционер Артан Груби на „црната листа“ на САД.
Петар Догов











