Откако со месеци најавуваше мерки против високите цени кои не беа донесени, сега премиерот Мицкоски излезе со закани кон маркетите. Тврди дека има докази дека некои од нив го изигруваат Законот за нефер трговија со кој требаше да се стави крај на проблемите со цените. Ги предупреди – ако продолжат ќе мора да затворат.
-Ќе предложиме законски измени за следната година со многу поголеми казни за сите оние ланци на супер маркети кои што го изигруваа законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека така ако продолжат ќе мора клуч да стават на врата, изјави премиерот Христијан Мицкоски
За празниците дел од граѓаните се пожалија дека цените скокнале, а најмногу забележале дека тоа се случува кај оревите и костените.
Но, веќе извесен период алармираат дека има поскапувања. Сепак, од Министерството за економија уверуваа дека цените се под контрола иако инфлацијата со месеци не се спушти под 4 отсто, а некогаш беше и над овој процент.
Надлежните од мај лани најавуваа мерки против скапотијата и неколку кошнички, но ништо од тоа не се донесе. Се чека да се објави онаа на Владата откако за синдикалната кошничка на ССМ беше соопштено дека во нејзе има спорни работи.
Стапката на инфлација може да се каже дека беше главен проблем во 2025 тата. Очекувањата на познавачи се дека и оваа година ќе се бориме со тоа.
Статистика последно измери дека во ноември 2025 година била 4 отсто во однос на ноември 2024 година. Од бројките може да се види дека за една година најмногу поскапело овошјето, потоа месото, маслото мастите. Зголемување на цените е регистрирано и кај другите лебот, сирењето, јајцата. Утре статистика треба да објави нови бројки за инфлацијата – очекувањата се дека ќе биде исто околу 4 отсто.
Ирена Чачкова











