Македонија мора да се пронајде во новото нормално во светот, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски, како коментар на тоа што за време на својата посета на САД беше издвоен како единствениот европски лидер кој аплаудираше на обраќањето на американскиот потпретседател, Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција, кое европските мејнстрим лидери силно го осудија, а Русија го поздрави.
„Таа е линијата. Тоа е новото нормално коешто доаѓа од Вашингтон и коешто ќе го преплави светот, да знаете. Тука нема играње. Сега ние сме први што го запоседнуваат теренот, тоа е мојот начин на работа. Нема втора шанса за прв впечаток. Запоседни го теренот, па после кој и да дојде веќе е втор, трет, се реди позади тебе. Ние мора да го запоседнеме теренот и да се пронајдеме во тоа некое ново нормално“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски со став дека поддршката за говорот на потпретседателот Венс не значи дека Македнија оди по линијата на крајната десница.
„Па, не би рекол дека потпретседателот, Џеј Ди Венс е претставник на крајната десница. Ако тоа некому му пречи што го кажа Џеј Ди Венс, и на мене ми пречи што 20 години не можам ни милиметар да се мрднам, не затоа што не сум добар, туку затоа што некој треба да решава прашања од 10-от и 11-от век, сега во 21 век. И сега не треба да бегаме ние од тоа, треба да си ја кажеме таа вистина. Можеби не е убава за слушање, но тоа е тоа“, рече Мицкоски.
Мицкоски притоа вели дека не знае дали нешто ќе се смени, но вели дека мора да се работи на градење на сојузништво во новото нормално, при што најави дека во петок оди на приватен ручек во Истанбул кај претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, за потврда на стратешкото партнерство меѓу двете земји, а во понеделник и вторник ќе биде во Будимпешта на владина конференција од каде, исто така, ќе бидат испратени пораки за сојузништво.
Мицкоски за тоа дали добил поддршка за време на посетата на САД за евроинтеграциите, рече дека од сите страни доаѓа конкретна поддршка и разбирање за аргументита на Македонија, но оти една земја-членка на Унијата којашто наместо да работи во сегашноста се враќа во средновековието.
Тамара Грнчароска











