„Левица“ им фрлаат гума за спасување на ДУИ со тоа што кандидираат свои кадри во општините Тетово, Гостивар и Струга иако немаат ниту теоретски шанси да победат таму, тврди премиерот.
Играта, според него, е очигледна и со тоа што, од друга страна, од оваа партија немаат кандидати во Јегуновце, Теарце и во други општини од Западна Македонија, како и во Штип и во родното место на нивниот претседател – Велес, каде шансите им се барем на ниво на теорија.
- Нивната цел е координирана со политичката партија ДУИ за да дојде до дисипација, раслојување на анти ДУИ гласовите во тие општини. ДУИ сфаќа дека во тие општини не може да победи и разбира дека ќе биде поразена на овие избори, односно ќе има многу мал, незначителен број градоначалници и единствениот сојузник кој во моментот се обидува да фрли гума за спасување е токму политичката партија Левица, изјави Мицкоски.
Од „Левица„ велат дека овие изјави ги следат со искрено неверување: „Поврзувањатта на Левица со ДУИ се крајно смешни. Ние никогаш сме немале договори со ДУИ и така ќе остане. Пример за тоа се бројните кривични пријави поднесени единствено од наша страна против функционери од ДУИ“.
Од ДУИ, пак, го обвинија Мицкоски дека не сака да победи на избори, туку да ја избрише нивната партија од политичката сцена.
Далиборка Демјанска











