Атентатот врз заменик лидерот на Хамас во Бејрут претставува сериозен удар врз соработката меѓу Хамас и Хезболах, сметаат израелските безбедносни експерти. Салех ал Арури, кој со години живееше во Бејрут, во населбата Дахија, која се смета за силно упориште на Хезболах, беше важна врска помеѓу двете милитантни организации, чија заедничка цел е уништувањето на Израел.
„Ционистичкиот непријател не препознава црвени линии. Тој напаѓа во сите области, дури и населени места. Вчерашната операција за атентат беше таква. Ние жителите на оваа населба го осудуваме тоа, и го очекуваме одговорот на отпорот за тоа што се случи вчера“, вели Мухамед Буџи, жител на Бејрут.
Иако Израел не официјално не презема одговорност за ваквите атентати, вчерашната ликвидација на Арури беше поздравена во Израел, но, од друга страна, сојузниците на Тел Авив стравуваат дека оваа постапка ќе предизвика вклучување на Хезболах во војната. Израелската армија уште вчера порача дека е подготвена за секое сценарио на северната граница, а медиумите денеска пренесуваат дека се засилува противвоздушната одбрана долж границата со Либан.
„Израелските одбранбени сили се на високо ниво на подготвеност во сите сектори, и во одбрана и во напад. На високо ниво на подготвеност сме за секое сценарио. Најважното што треба да се каже е дека сме фокусирани и остануваме фокусирани на борбата против Хамас. Во Газа, нашите сили продолжуваат со борбата, со акцент на областа околу Кан Јунис, напредуваме и на земја и под земја, убивајќи терористи и продолжувајќи да ја уништуваме терористичката инфраструктура“, изјави Даниел Хагари, портпарол на ИДФ.
Салех ал Нури беше во самиот врв на хиерархијата на Хамас. Разузнавачките извештаи го опишуваат како еден од лидерите, како во политичкото, така и во военото крило на организацијата. Како заменик директор на политичкото биро, Арури помогна во формирањето на военото крило, и поради тоа, остана длабоко инволвиран во воените прашања на Хамас.
Игор Трајков











