Како што се пребројуваат резултатите од изборите за Претставничкиот дом и Сенатот во американскиот Конгрес, трката станува сѐ понеизвесна. Ситуацијата во Претставничкиот дом е јасна, контролата ја преземаат републиканците и единствената неизвесност е само колку повеќе места ќе освојат од деморкатите.
Но, со победата на демкратот Џон Фетерман во Пенсилванија, двете партии влегоа во „мртва трка“ за контролата над Сенатот. Победата на Фетерман е исклучително значајна, затоа што успеа да им одземе едно сенаторско место на републиканците, затоа што досегашен сенатор од Пенсилванија беше републиканецот Пет Туми, кој одлучи да не се кандидира за реизбор.
Победата на Фетерман, кој го порази познатиот телевизиски доктор Оз, им влеа надеж на демократите, кои стравуваа од тежок пораз на овие избори, имајќи го во предвид нискиот рејтинг на претседателот Џо Бајден.
По објавувањето на резултатите од Пенсилванија, се вжештија трките и во двете останати неизвесни држави, Невада и Џорџија.
Сенаторката од редовите на демократите Катрин Кортез Масто изрази увереност дека ќе успее да го победи републиканскиот противкандидат Адам Лаксалт, иако во моментов таа заостанува зад него за помалку од 1.000 гласови, поради што не може ниту да се проектира евентуален победник. Но, во Невада има уште многу гласови за пребројување и ситуациајта може да се смени.
Знаеме дека за ова ќе биде потребно време и нема да дознаеме повеќе за резултатите дури ниту во наредните неколку денови. Сѐ уште не завршивме, соопштија од нејзината кампања.
За разлика од Невада, трката во Џорџија е уште понеизвесна. Таму се соочија демократот Рафаел Варнок и републиканецот Хершел Вокер, а победникот најверојатно ќе се одлучи со прегласување по четири недели.











