Со 71 глас „за“, мнозинството во Собранието го разреши Орхан Муртезани од функцијата министер за европски прашања. Тој не го искористи правото да се изјасни за разрешувањето, а фактот што не си даде оставка, туку е разрешен, за Алијанса за Албанците, има порака во себе. Реагираа дека Муртезани бил за „џабе“ на оваа функција и дека не му било дозволено да ја извршува како што сака.
„Сака да даде порака дека за неуспехот во неговата работа не е виновен тој, туку владата и премиерот кои не го оставиле да работи како што треба и да преземе храбри чекори во евроинтегративниот процес“, рече пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците.
Од „Вреди“ му одговорија дека тоа не е точно и аргументираа со дел од постигнувањата на министерот.
„Промените во владата се природна работа, а министерот Муртезани има многу успеси, меѓу кои и тоа дека за време на неговиот мандат за првпат се подготви реформската агенда 2024-2027 година, како составен дел на планот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Во негово време се создаде и јасна национална структура за спроведување на планот за проширување со поделени одговорности и механизми за координација, мониторирање и известување во склад со барањата на ЕУ“, рече Имерлије Салиу Фетаи од „Вреди“.
Од СДСМ, пак, реагираа дека дописот што го добиле не дава доволно информации за вистинските причини за разрешувањето.
„Не се разрешуваат тие кои треба, туку некој мора да е жртвено јагне. Во овој случај, тоа е Муртезани. Дали тој е крив што владата не покажува никакви позитивни резултати во изминатите емсеци?“, праша пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ.
Премиерот му се заблагодари на Муртезани, велејќи дека со својата работа и пристап додал вредност врз работењето на владата и евроинтегративниот процес на државата. Најави дека останува во неговиот кабинет и ќе го координира процесот на исполнување на реформската агенда. Ги претстави и новите министри.
„За министер за животна средина го предлагам Мухамед Хоџа, кој има долгогодишно искуство во државната управа и извршната власт, со раководни позиции кои подразбираат работи во сложена институционална средина. За министер за здравство го предлагам Беким Сали, кој е поранешен министер и има искуство во работа на државните институции, очекувам да придонесе кон поефикасна координација и институционален пристап“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот очекува министрите да ги вршат функциите професионално и согласно Уставот и законите.
Разрешувањето и именувањето на новите министри дојде како резултат на коалицискиот договор по локалните избори, откако дотогашниот министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити стана градоначалник на Чаир.
Далиборка Демјанска Цветановска











