Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

На Ѓаволот не му требала лиценца за тендерот за гориво за Пошта

/

пред 438 дена

Сподели преку :

На фирмите не им е потребна лиценца за трговија со нафтени деривати на големо за да учествуваат на тендерот за набавка на гориво за службени возила, велат во Пошта. Доволно е да се регистрирани за таа дејност.

Телма вчера објави дека, и покрај тоа што Регулаторната комисија за енергетика во април ѝ ја одзеде лиценцата за трговија со нафтени деривати на големо, фирмата Тритерол петрол, два месеци подоцна, добива тендер за набавка на гориво за службените возила на Пошта во Струмица и во Валандово, во вредност од 1 милион денари, или околу 16 илјади евра. Во договорот се предвидува поштенските возила во наредните две години да наточат до 10 илјади литри гориво од обезбедени бензински пумпи во овие два града.

„Стоката која е предмет на набавка за оваа постапка е со единечна цена која е регулирана од страна на соодветно регулаторно тело. Споменатата лиценца за овој вид набавка, согласно Законот за јавни набавки не се бара. На фирмата спомената во контекст со Пошта ѝ е одземена лиценцата за трговија на големо. Ние, како Пошта  не можеме да се заштитиме од фирми против кои се води каква било постапка, а кои имаат валидна документација добиена од државни органи, потребни за учество во постапките за јавни набавки, и кои се активни во електронскиот систем за јавни набавки“, велат во државната Пошта.

Во тендерската документација за набавка на гориво за службените возила на Пошта, се бара учесниците на тендерот да се регистрирани како физичко или правно лице за вршење на дејноста поврзана со предметот на набавка или доказ дека припаѓа на соодветно професионално здружение согласно со прописите на земјата каде што е регистриран, но не се бара лиценца. Се бара да обезбедат најмалку една бензинска пумпа во општината за која конкурираат.

Инаку, Телма веќе објави дека сопственикот на Тритерол петрол, Љупчо Пецов Ѓаволот, по кого веќе две години има распишано меѓународна потерница, се шетал низ Скопје, а неговата фирма добива милиони евра од државни тендери.

Пецов е осомничен дека е еден од организаторите на злосторничкото здружување за даночно затајување во случајот Синџир. Беа обвинети 22 сопственици и директори на фирми затоа што со лажни фактури го оштетиле буџетот за 8 милиони евра. Против Пецов немаше обвинение зашто е недостапен. Десетина обвинети минатата година признаа вина и добија затворски или условни казни.

Срѓан Стојанчов