Една лента од булеварот Теодосиј Гологанов во центарот на Скопје затворена за сообраќај, граѓаните поминуваат меѓу автомобилите. Крајот на улицата Христо Смирненски целосно затворен. Градилиштето го проголта тротоарот, а и дел од коловозот пропадна во дупката од која треба да изникне петкатна зграда.
Одронувањето на земјата во градилиштето однесе и две бандери, а во дупката заврши и информативната табла со името на инвеститорот и изведувачот. За време на ископ на земја вчера околу 13 часот се одронила земја во градилиштето, а багеристот едвај спасил жива глава. За среќа нема жртви. Жителите од околината се загрижени за безбедноста. Повикуваат надлежните да преземат мерки.
Анкета
„Може да се поткопаат темелите и мојава зграда да се сруши. Значи не треба да им се дозволи да копаат толкава дупка да прават на два ката подземни гаражи. Јас не бев дома, комшиите ми кажаа дека работеле викендов и во еден часот додека копал багерот одеднаш слушнале огромен звук, силен, како да е земјотрес, се исплашиле и излегле надвор. Тогаш виделе дека тротоарот одеднаш се срушил. Багерот копал и тротоарот се срушил. Се исплашиле за човекот којшто работел дека може да го поклопи и да го убие. За среќа човекот се спасил. Тој не е крив затоа што газдата го натерал прво да работи за празник, а второ да копа каде што не му е место“, објаснува жител.
„Не е безбедно. За луѓето што поминуваат вака како нас не е безбедно. Сега гледај каде треба да поминам, а треба да одам 20 метра натаму. Нема тротоар, едно возила, друго дел од коловозот е узурпиран, узурпирани се и пешачките зони“, додава друг жител.
„Тука живеам, тоа не нема што да се прави. Безбедно небезбедно, немаме нешто многу избор“, рече трет жител.
Општина Центар соопшти дека веднаш излегле на терен, и ја обезбедиле локацијата. Констатирале оштетувања на коловозот, тротоарската површина, канализационата мрежа и уличното осветлување, како и низа неправилности во однос на изведбата на објектот. Општината соопшти дека инспекциските служби утврдија дека постои свлечиште на земјиштето, по што веднаш се изречени најстроги законски казни и санкции согласно Законот за комунални дејности, поради непочитување на законските обврски и предизвикување штета врз јавната инфраструктура, но не прецизираа какви казни се изречени.
Трудовиот инспекторат во петокот издал забрана за работа на градилиштето откако излегол во вонреден инспекциски надзор по случаен избор. На градилиштето го затекнале само багеристот и издале забрана за работа поради непосредна опасност по вработените, односно по него. Забраната важи додека не се достави документацијата на увид. Несреќата, односно свлекувањето се случила вчера, на празник, додека се уште траела забраната од трудовиот инспекторат. Според очевидци од околината, багеристот работел кога се случило одронувањето, а потоа во страв се извлекол надвор по каблите за да излезе од градилиштето.
Во Општина Центар велат дека побарале стручна експертиза од професори од Градежниот факултет во врска со можните ризици.
„Од страна на градежниот инспектор на Општина Центар ќе биде побарано одземање на лиценците на одговорните лица вклучени во изградбата, а Општина Центар ќе побара и утврдување одговорност од надзорот и изведувачот на објектот поради несоодветно и несовесно постапување, согласно законските прописи. За случајот ќе следуваат и соодветни пријави и постапки пред сите надлежни институции“, соопшти Општина Центар.
Како инвеститори на објектот се јавуваат компаниите „Про билдинг компани“ од Тетово и „ПалмаТраде“ од Тетово. Изведувач е компанијата “КОНСТРУКСИОНИ-инвест“ од Тетово, која лани ја завршила годината со минус од 127 илјади евра.
Надзорот го вршела компанијата ХИГХ КОНСТРУКТИОН ГРОУП од Гостивар, во сопственост на ИСМАИЛ БЕЏЕТИ. Компанијата според податоците на „Бизнис мрежа“ има блокирана сметка, а лани заработила околу 33 илјади евра.
Срѓан Стојанчов











