Доматите, јајцата, краставиците и маслото се производите кои најмногу поскапеле изминатиот период, покажува анализата на пазарниот инспекторат и министерството за економија. Во документот стои и дека зголемување на цените е забележано и кај хигиенските производи. Сепак, надлежните тврдат дека кај околу 50-тина производи кои најмногу се продаваат во четири големи маркети има минимално поместување на цените.
По ова истражување се отвора прашањето дали и какви мерки би се спровеле за да не дојде до поголем раст на цените поради случувањата на Блискиот исток. Иако се најавуваа интервенции од типот на укинување на ДДВ за одредени производи, но и замрзнување на маржи, засега состојбата од Владата велат дека е стабилна и продолжува да се следи.
„Не би требало да почувствуваме поголем удар, затоа што процентуалното учество на оној дел за коешто се зголемени транспортните трошоци не дава за право да сметаме дека ќе имаме огромен скок, инфлаторен, за следниот месец бидејќи влезот во крајната цена на транспортните трошоци визави зголемената маргина на цените на дизелот и бензините не е така голема, зборуваме за еден до два проценти“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
За лебот, премиерот Мицкоски тврди дека добил уверување од пекарниците дека кај лебот нема да има корекции на цената. Анализата на пазарен, пак, беше спроведена во период од 1 февруари до 1 април. И додека власта смета дека сè е под контрола, економистите предлагаат да не се чека цените да бидат повисоки и веднаш да се интервенира.
Цените на горивата во моментов се под контрола, откако се намали ДДВ-то и акцизата, но и со попустот од ОКТА, со кои се преговара да има дополнително намалување на цената кај дизелот. На владина седница вчера е продолжена и кризната состојба за дa може да се делува со соодветните мерки. Во меѓувреме, пак, цената за барел нафта на берзите се движи околу 100 долари. Има благо намалување по најавите за преговори за решение на Блискиот исток.
Симона Петровска











