Наместо можност за разговор, добил ултиматум. Арбен Таравари тврди дека другите партии од коалицијата „Вреди“ му испратиле веќе подготвена понуда за бројот на градоначалнички и советнички места пред локалните избори.
Таравари не сакаше да ги потврди, но ниту ги негираше шпекулациите дека му биле понудени пет градоначалнички места и 35 проценти од советничките позиции, како и дека истата понуда ја добил и од ДУИ. Остава простор за разговор со сите партии, иако вели дека колегите од коалицијата не му понудиле да се спојат во еден политички субјект. Ако, пак, одлучиле да одат без нив, им посака среќа, па дури и ќе им го дадат името – нека се викаат „Вреди“, а тој со своите пет пратеници ќе функционира како посебна пратеничка група. Остава подотворена врата за ДУИ, но децидно негира можна соработка со Зијадин Села.
Вицепремиерот Меџити, пак, денеска изјави дека, коалицијата е основана како антипод на ДУИ и освен Таравари, никој друг нема дилеми околу предизборниот настап. Разговараат да настапат со заеднички листи, програма и штаб, како и можност за поддршка на независни кандидати. Сметаат дека, со оглед на изборниот модел кој нуди поголеми шанси на поголемите коалиции, нема никаква смисла да настапат секој посебно.
Премиерот денеска не сакаше да ги коментира меѓусебните односи на коалиционите партнери. Кусо одговори дека функционираат „коалициски одлично“ и дека владиниот состав останува ист до локалните избори, нема да има реконструкција на владата.
Далиборка Демјанска Цветановска











