Техеран им порача на арапските земји во Заливот дека би било „неприфатливо“ доколку дозволат користење на нивниот воздушен простор или воени бази против Иран и упати закана дека секој таков потег ќе предизвика одговор, изјави висок ирански функционер.
Неговиот коментар доаѓа по растечката загриженост од можна израелска одмазда за минатонеделниот ирански ракетен напад. Арапските земји во Заливот на азиската конференција во Катар настојуваа да го уверат Техеран во сопствената неутралност при евентуален конфликт меѓу Иран и Израел.
Американската веб страница Аксиос, повикувајќи се на израелски функционери, објави дека мета на Израел би можеле да бидат иранските нафтени платформи.
Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК), на чие чело де факто е Саудиска Арабија, има доволно слободни капацитети за надополнување на евентуални загуби од иранските испораки, во случај израелската одмазда да онеспособи некои од постојките во земјата. Голем дел од резервните капацитети на ОПЕК се наоѓаат на Блискиот исток. Иран не се закани дека ќе напаѓа нафтени постојки во Заливот, но предупреди дека нивните интереси ќе бидат мета, доколку „приврзаниците на Израел“ директно интервенираат.
Домаќини на американски бази и војници во регионот се Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Катар и Бахреин.











