Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Нејзините романи се силни амбасадори за нашето битисување и опстојување како култура – комеморација за Оливера Николова

/

пред 695 дена

Сподели преку :

Фасцинира нејзиното сфаќање на чинот на пишување, на едно посуштинско рамниште, специфичната ангажираност во нејзините дела, повикот по заедништво и поканата за проникнување едни во други, забележа Грозданоски на комеморацијата за Оливера Николова во Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ).

„Колку и да сме минливи и со секој одминат миг преминуваме во минатото, изјави Оливера при примањето на наградата „Роман на годината“ (по прв пат), сепак тоа минато, да не заборавиме, станува фактор за опстојувањето на тие по нас. Така Оливера Николова е само навидум во минатото, таа е всушност силен фактор да го поткрепува и нашето опстојување и на оние по нас“, изјави Живко Грозданоски, претседател на ДПМ.   

„Зоки Поки“ веќе ги освои Јапонија и Скандинавија и поголем дел од Европа, но интересно ќе биде да се следи патот, по кој нејзините романи ќе бидат откривани и преведувани, за да бидат силни амбасадори на нашето битисување и фактор за нашето опстојување како култура, вели Грозданоски. За академик Ќулавкова, Николова имаше една душа и свест, хиперсензибилна на човечките страдања и неправди, и воопшто не беше заблудена кон секојдневните прагматични и други признанија и титули.

„За што говори и нејзиното одбивање на понудата да биде член на МАНУ во релативно доцни нејзини години, значи со задоцнување и покрај инсистирање на некои колеги од МАНУ од нашата област. Ама задоцнивме и таа многу достоинствено и отсечно се откажа од таа понуда. И тогаш покажа дека тоа ѝ е ирелевантно. Остана на својот пат да напише што е можно повеќе и подобри книжевни дела“, изјава академик Катица Ќулавкова.

Живот целосно посветен на уметноста на јазикот, раскажувањето и книжевноста. Таа беше и остана да биде гатач на загадочното писмо и јазик на човечкото суштество, читач на љубовта и на омразата, на доброто и на злото,  забележа академик Ќулавкова во својата беседа за Оливера Николова.

Нина Стефанова