Од синдикални тврдења дека нафтата „пресушила“ во ЈСП, до негирање од градската власт. За скопјани, последниот ден од годината започна со насловите дека веќе нема гориво, а и на директорот на ЈСП му завршил договорот. Овие информации ги изнесе синдикалецот во претпријатието, Миќо Стојановски.
Тој нѝ изјави дека претпријатието повторно се соочува со недостиг на гориво поради што бројот на автобуси е редуциран и постои опасност да нема јавен сообраќај на први јануари.
„Ние веќе два дена немаме менаџер на позицијата директор во ЈСП затоа што договорот на нашиот директор истече. Мислам дека градот требаше досега да го среди тоа прашање затоа што сите клучеви и сите плаќања одат преку главниот менаџер. Дали тоа е причината што нема нафта или е сосема трета, треба што побрзо да се разреши за да не се нервираме ниту ние вработените, а и нашите корисници да си имаат организиран јавен градски превоз“, изјави Миќо Стојановски, синдикат на ЈСП.
Брзо стигна одговор од градската власт. Данела Арсовска тврди дека нафта има, а договорот на директорот е продолжен. За информациите од претпладнето смета дека се лиферувани со задна намера.
„Состојбата е редовна како и деновиве. Нафта има за автобусите на ЈСП согласно договорот кој е склучен за интервентна набавка на еуродизел поради што јавниот превоз функционира редовно и согласно плановите. На директорот Драги Кушовски му е продолжен В.Д. мандатот откако му истече првиот 6-месечен мандат и потпишав решение за ново назначување. Не знам зошто се шират неточни наводи, но можеби некој сака да сокрие нов скандал или непријатни информации“, вели Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје.
Бесплатниот автобуски превоз за студентите во Скопје ќе продолжи и во 2025 година, откако Владата денеска на седница одлучи да му префрли 120 милиони денари на Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје обезбедени со релоцирање од буџетот на Министерството за образование и наука.
Инаку, ЈСП склучи договор со „Пуцко петрол“ за интервентна јавна набавка на Еуродизел на 5-ти декевмри. Тендерот во вредност од околу 2 милиони евра е со важност од три месеци.
Петар Догов











