Поранешниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху, според официјалните резултати, победи на изборите што се одржаа оваа недела. Израелскиот премиер Јаир Лапид, пак, го призна поразот и, како што се наведува во соопштението од неговиот кабинет, дал инструкции за подготовка на организиран трансфер на власта.
„Државата Израел е пред било какви политички размислувања. На Нетанјаху му посакувам успех, поради народот на Израел и државата Израел“, порача Лапид.
Нетанјаху мина најдолг период како премиер во историјата на Израел. На функцијата беше 15 години од кои 12 во низа. Се очекува дека ќе формира најдесничарска влада во историјата на земјата, по преземање на власта, што ќе се случи во наредниот период.
Во Израел се организираа петти избори за помалку од четири години. Се одржаа во период на политичка криза и на нив се гледаше како на референдум за способноста на Нетанјаху да владее додека му се суди за корупција.
Според конечните резултати кои ќе бидат потврдени во наредните денови, Нетанјаху и неговите сојузници – ултранационалисти и ултраортодоксни Евреи – обезбедија 64 пратенички места во израелскиот Кнесет.
Неговите ривали во досегашната коалиција на премиерот Лапид освоија 51 мандат, а преостанатите места во парламентот ги доби мала арапска партија.
Главен партнер на Нетанјаху, како што се очекува, ќе биде ултрадесната партија Верски ционизам, чиј главен кандидат Итамар Бен Гвир е следбеник на расистички антиарапски рабин. Тој сака да ја заврши палестинската автономија на делови од Западниот брег и да се усвои закон со кој ќе се поништи судењето на Нетанјаху и да се ослабне независноста на судството. Вети, исто така, и заострување на односот кон Палестинците.
Бен Гвир тежнее да раководи со ресорот полиција, додека лидерот на Верски ционизам, Бецалел Смотрич го мерка Министерството за одбрана.
Израелско-палестинското насилство ескалира за време на денешното броење на гласови и кулминира со убиство на четворица Палестинци во одвоени инциденти на Западниот брег и во источен Ерусалим.











