Власта го отвори прашањето за промена на државниот грб, партиите со идеи дали лав или рис, а експертите на став – да се фокусираме на посериозните прашања како нискиот животен стандард и високата корупција.
Премиерот Мицкоски пред неколку дена потврди дека со владините коалициски партнери од Вреди веќе разговарале на оваа тема, со аргумент дека ние сме една од двете постсоцијалистички држави која сѐ уште го има стариот државен грб, со мали модификации.
А, темата за промената на грбот не треба да се употребува за дефокус од други поважни теми, оценува професор Цане Мојаноски.
Во политиката за жал секогаш кога нема решенија за одделни прашања и нема понуда за развој се нудат теми кои во дебатите јас ги нарекувам „митски“. Односно, теми за коишто можете до бескрај да разговарате и уште повеќе што на основа на нив може да се вршат поделби помеѓу населнието по етничка, по религиозна и некоја друга насока, во изјава за Телма вели проф. д-р Цане Мојаноски, аналитичар.
Од коалицијата Вреди ценат дека државниот грб е од комунистичко време и не ја одразува реалноста во моментов, на истото мислење се и за химната и отворени се за пакет на промени за да се доуредат етничките прашања, како што е и формулацијата за албанскиот јазик во Уставот.
Од друга страна, Социјалдемократскиот сојуз остро се спротивстави на идејата. Оттаму сметаат дека сегашниот државен грб ги отсликува сите карактеристики на ова поднебје, нема никакви етнички обележја и доколку има официјална иницијатива ќе ги искористат сите демократски средства на располагање за да спречат промена.
Политичката јавност веќе дебатира, а професор Мојаноски повикува надлежните да се фокусираат на централните прашања за граѓаните.
Нискиот стандард, високата корупција и немањето исчекор во развојот. Сѐ на сѐ, оваа тема повеќе може да ги окупира медиумите и етничките, религиозните и другите поделени структури во општеството, да се навраќаат и да дебатираат долго, наместо да се занимаваат со централните прашања – застојот на Македонија на европскиот пат, немањето економски развој, тонењето во сиромаштија, вели проф. Мојаноски.
Идејата за промена на државниот грб потекнува од пред една деценија. Тогаш Владата на Груевски излезе со предлог за црвен лав на златно-жолта позадина во форма на штит, како и круна во горниот дел, во форма на тврдина.
Ова за коалицискиот партнер ДУИ беше прифатливо, но консензус не се постигна и идејата пропадна поради немање две третини во Собранието.
Петар Догов











