Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најостро ја осуди пресудата со која новинарката Љиридона Вејсели е казнета поради спомнување на името на судија во новинарско известување, оценувајќи дека станува збор за недозволиво ограничување на слободата на говор и напад врз новинарската професија.
- „Не можам да побарам од судијата одговорност, не сум тој што именува судии. Најостро ги осудувам ваквиот тип на ограничување на слободата на говорот. Новинарите треба етички да се однесуваат, да ја информираат јавноста и за тоа да служат, и било кој напад врз новинар, вклучително и овој, најостро го осудувам, без разлика дали е од политичар, јавна личност или судија“, изјави Мицкоски.
Претходно, Обвинителството ја гонело новинарката, а гостиварскиот суд ја осудил на парична казна од 700 евра за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. Пресудата е донесена затоа што во новинарско известување било спомнато името на судијата Назиф Илјази од Основниот суд во Тетово.
Новинарката Љиридона Вејсели се жали на Апелациски суд на пресудата со која е казнета со 700 евра за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“, бидејќи во новински текст објавила име на судија од Основниот суд во Тетово.
- Ова е срамен преседан. Бев казнета само затоа што при професионално и јавно известување го спомнав името и презимето на судијата Назиф Иљази, носител на јавна функција, кој донел одлука за пуштање лице од притвор. Ова не е заштита на правдата, туку директен удар врз слободата на медиумите и јасна порака за заплашување на новинарите. Ако изнесувањето факти и именување одговорни лица се казнува, тогаш оваа држава не ја штити демократијата, туку молкот, изјави Вејсели за МИА.
На пресудата од Основниот суд Гостивар денеска реагираше и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги која соопшти дека изразува сериозна загриженост, оценувајќи дека „ваквата одлука испраќа негативна порака во однос на слободата на изразување и медиумските слободи“.

- Кривичното гонење на новинари за објавување податоци за носители на јавни функции во контекст на извршување на нивната професионална работа создава притисок врз медиумите и го ограничува правото на јавноста да биде информирана, соопшти АВМУ.











