Нобеловата фондација денеска соопшти дека ја поништува својата одлука да ги покани амбасадорите на Русија, Белорусија и Иран на овогодинешната церемонија на доделување на Нобеловата награда во Стокхолм.
Извршниот директор на таа приватна фондација Видар Хелгесен вчера најави дека постои светски тренд кој ја намалува можноста за дијалог меѓу оние со различни ставови и дека ќе бидат поканети претставници на трите земји.
Сепак, по острите критики од јавноста, поканата е повлечена денеска, јавува Асошиејтед прес.
„Затоа избираме да го повториме минатогодишниот исклучок од редовната практика – односно да не ги поканиме амбасадорите на Русија, Белорусија и Иран на церемонијата на доделување на Нобеловата награда во Стокхолм“, се вели во соопштението на фондацијата.
Украинските власти денеска ја поздравија одлуката на Нобеловата фондација да ја откаже поканата до амбасадорите, пишува британскиот весник Гардијан.
„Благодарам на сите што побараа да се врати правдата“, изјави портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Олег Николенко.
Николенко изјави и дека Украина е убедена дека слична одлука треба да се донесе и во однос на рускиот и белорускиот амбасадор во Осло, мислејќи на прославите одржани во Норвешка по церемонијата во Шведска.
Нобеловата фондација, која ја организира годишната церемонија на доделување на Нобеловата награда, исто така, минатата година во 2022 година одлучи да не ги покани рускиот и белорускиот амбасадор на доделувањето поради војната во Украина.
Истата одлука ја донеле и во однос на иранскиот пратеник поради државната репресија за време на протестите во таа земја.











