Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Нова компанија за собирање ѓубре, исти навики на тетовци – фрлање отпад на јавни површини, паркирање пред контејнери, нередовна наплата

/

пред 783 дена

Сподели преку :

Нова компанија за собирање смет, но исти навики на тетовчани. Сѐ уште фрлаат кабаст отпад на јавни површини, се паркираат пред контејнерите, па камионите не можат да го подигнат сметот. Со низа предизвици се соочува словенечката компанија „Заубермахер“, која пред седум месеци ја презеде обврската за собирање и транспортирање на отпад, преку модел на јавно-приватно партнерство со Општина Тетово.

„Од она што го гледаме на терен, за жал, имаме критични места, каде луѓето одлагаат кабаст отпад кој не треба да биде поставен среде улица, на тротоар или во близина на контејнерите. Камионот не може да го земе отпадот од контејнерот, ако се лошо паркирани возилата“, изјави Арсим Фидани од компанија „Заубермахер“

Од Општина Тетово велат инспекторите се на терен и казнуваат.

„Во изминатиот период се изречени 10 глоби за лица коишто несоодветно одлагале отпад. Ние како Општина постојано апелираме до граѓаните, кои што имаат ваков отпад, кабаст, инертен или бела техника, само да се јават во ЈКП кое ќе испрати екипа до нивниот дом којшто ќе го подигне отпадот“, информира Милена Вучевска, портпаролка на Општина Тетово.

Од компанијата „Заубермахер“ велат дека работите се подобруваат, во однос на возниот парк и промената на контејнерите, а услугата за подигање на сметот ја спроведуваат и во шарпланинските села, што досега не беше практика. Потенцираат дека сите засегнати институции заеднички треба да работат и да се подигне свеста кај граѓаните, која сега е на многу ниско ниво.

„Ние имаме подобар возен парк. Од февруари се поставени околу 416 контејнери, до денес таа бројка надминува 480 контејнери. Ние веруваме дека таа опција за правилно одлагање на отпад веќе постои. Треба уште многу да работиме на свеста кај нас, кај граѓаните на Тетово. Мислам дека сите заедно треба да работиме и да постигнеме побрзо позитивни резулатати“, додава Фидани. 

Од „Заубермахер“ повикуваат граѓаните редовно да ги плаќаат сметките, за компанијата да може непречено да работи, затоа што наплатата сега е само 20%, поради што во следниот период ќе преземат и правни чекори.

Данијела Билбилоска