Нови 60 вработувања од кои поголем дел помошен медицински и технички кадар и буџет повисок за 10 до 15% се очекувањата за годинава на раководството на клининичка болница во Штип, регионалниот болнички центар за источна Македонија. Директорот Владко Захариев вели дека добиена е согласност за продолжување на договорите на определено време, а во тек е постапка за вработување на неопределено за 25 работни позиции.
Дополнително во рамки на втората фаза од проектот на Министерството за здравство, се очекува вработување и на приватни специјализанти, што ќе придонесе за значително кадровско зајакнување на установата.
„Акцент ќе биде на помошен и среден персонал, за сметка на високиот кадар што го имаме. Значи ќе има помалку доктори. Повеќе е среден и технички персонал, болничари, медицински сестри, шофери, а ќе има и вработување на административен кадар-економист, правник“, изјави д-р Владко Захариев, директор на КБ-Штип.
Во штипската Клиничка болница во моментов не се во функција рендген апаратот и мамографот, кои се стари и дотраени. Планирана е набавка и сервисирање на медицинска опрема, а ќе се реконструира и потпорниот ѕид, кој пред неколку дена падна и поклопи две возила.
Викторија Јованова











