Кодно име „Бункер“ – вака е насловен предметот во кој се содржани осумнаесет лица за убиства и рекет, кои се поврзуваат со криминалната група Барон/Беланоца. Тие веќе се под истрага, а се проверуваат и други инволвирани лица кои сториле кривични дела.
Обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција заедно со истражители од Истражниот центар при анализа на досега прибраниот доказен материјал дошле до нови сознанија.
Ова следува откако пред точно две недели, обвинителството отвори истрага против осомничени припадници на скопското подземје. Осум од нив не беа пронајдени, под сомнеж дека некој им јавил да избегаат.
Од 18 осомничени за убиства и рекет – полицијата уапси само четворица, а еден сам се пријавил.
Во случајов се сомничи и Ќерим Буши, синот на поранешниот заменик-министер за внатрешни работи Назим Буши од ДУИ, дека тој е „кртот“ на криминалната група.
На 28 декември, едно лице беше спроведено во полициска станица. Заради постоење на основи на сомневање дека е можен сторител на кривичните дела Оддавање службена тајна и Злосторничко здружување со него е извршен службен разговор. По разговорот лицето е пуштено на слобода, а по насоки на јавниот обвинител му е одземен мобилниот телефон со цел со понатамошна дигитална обработка на телефонските податоци да се потврдат индициите за евентуално стореното дело, се вели во дел од соопштението на Јавното обвинителство.
Истрагата за протекувањето на информациите ја води Обвинителството за гонење организиран криминал. Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски е уверен дека информациите не протекле од кај нив.
„Кртови“ ќе се појавуваат уште некое време, ќе бидат пронајдени, извадени од дупките и на крај ќе одговараат. Денешната порака на премиерот Мицкоски е полна со метафори, но директно упатена до лицата кои издаваат информации.
Инаку, синот на Буши беше актуелен во јавноста пред две години кога полицијата го запре неговото возило марка „Ауди“, кое користело недозволени полициски флешери. Кога дознале дека е син на функционер, го пуштиле. Три недели подоцна истрагата покажала дека младиот Буши нема вина – автомобилот го возел некој друг. А, полицајците кои ги пуштиле, добија дисциплински.
Петар Догов











