Поранешниот заменик директор во Управата за јавни приходи (УЈП), Исмет Гури во понеделник ќе седне во обвинителна клупа на судењето за даночно затајување. На првото рочиште му се судело на отсуство, но откако се предаде, сега треба да биде спроведен од затворот во Шутка на судењето на кое одбраната ќе дава воведен говор. Речиси девет месеци откако избега, вчера самиот се пријавил во полициската станица во Пролет. Неговиот адвокат за Телма вели дека не знае каде бил периодов.
„Јас од медиумите разбрав дека се пријавил во полициска станица. Тој беше на лекување уште додека беше во куќен притвор, имаше третмани, претпоставувам дека бил на медицинско лекување но не би можел повеќе да ви кажам додека не го видам? – Нема податоци каде се наоѓал дали надвор или во државата“, вели Еленко Миланов, адвокат на Исмет Гури.
На 19 јули лани обвинителството за гонење на организиран криминал отвори истрага за даночно затајување, злосторничко здружување и перење пари против Гури, но и уште 14 други обвинети бизнисмени и вработени во Управата. Тогаш му беше определен притвор, но неколку месеци поради здравствени причини бил пуштен во домашен притвор.
Тој избега на 5 јануари, откако по жалба на обвинителството, кривичниот суд одлучил да го врати во Шутка. Но, освен овој предмет, за Гури сè уште активен е „Титаник 3“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде обвинет беше заедно со Ејуп Алими од ДУИ за уништување на изборен материјал во Чаир. Апелација ја укина првата пресуда. Кривичен лани по вторпат го осуди на три и пол години затвор и сега предметот е во второстепениот суд.
Гури, од истакнат активист на ДУИ, стана близок со „Огнената група“ на Изет Меџити која потоа се отцепи од интегративците и прерасна во Демократско движење. Неговиот адвокат негира дека бегството, но и враќањето токму сега кога „Вреди“ стана дел од власта има политичка позадина.
Гури е втор бегалец баран со мегународна потерница кој за помалку од недела сам се пријавува. Минатиот викенд на „Деве Баир“ се предаде Дејан Давидовски – Дешо, осомничен за упадот во Собрнаието – седум години по бегството и три месеци по враќање на власт на ВМРО-ДПМНЕ чиј став за 27 април е дека станува збор за неправедно осудени. Од граница беше однесен во Шутка врз основа на решението за притвор, донесено во 2017 година, а во кое стои дека мерката важи по неговото пронаоѓање. Жалба на притворот поднел неговиот адвокат, а одлука треба да однесе Кривичниот суд.
Елена Ивановска Мукоска











