Од соочување со 91 обвинение за кривично дело во четири кривични случаи, до втор мандат како претседател на САД. Доналд Трамп се враќа во Белата куќа како месија, кој причината за неговата победата рече дека е да за ја спаси Америка.
„Многу луѓе ми кажаа дека Бог ми го поштеди животот со причина. А причината беше да ја спасиме нашата земја и да ја вратиме величината на Америка. И сега ќе ја извршиме таа наша мисија заедно. Ќе ја извршиме таа мисија“, порача Доналд Трамп, новоизбран претседател на САД.
Доналд Трамп, милијардер и њујоршки магнат со недвижности, кој најголем дел од животот го мина меѓу написите во таблоидите и телевизиските шоуа. Во 2015-та, неговите амбициите го насочија кон Белата куќа во која влезе на голема врата во 2016 година, а од која замина со упадот на неговите поддржувачи во Конгресот во 2021-та, откако Трамп загуби на изборите за реизбор со тврдење дека му се украдени гласови.
Политичката кариера на Трамп потоа изгледаше мртва. Неговите донатори и поддржувачи изјавуваа дека никогаш повеќе нема да го поддржат. Од него се оградија дури и неговите најблиски соработници и сојузници. Но, излоацијата на Трамп не траеше долго. Тој во 2022 година го најави своето враќање на политичката сцена, по што успеа да ги победи конкурентите за претседателски кандидат во републиканската партија, а вчера да ја освои повторно довербата на Американците.
Роден како четврто дете во богатото семејство на Мери Ен Меклаод Трамп и Фредерик Крис Трамп постариот, Доналд почнува да го гради своето богатство во бизнисот со недвижности, со скромен заем од еден милион евра од својот татко. Тој подоцна се придружува на бизнисот на татко му од кого потоа во 1971 година ја презема контролата врз семејната компанија и ја преименува во „Организацијата Трамп“. Трамп својот татко секогаш го опишувал како негова инспирација.
Трамп, освен како бизнисмен, се докажа и на полето на шоу-бизнисот. Најпрвин како сопственик на натпреварите за убавина Мис Универзум, Мис на САД и Мис тинејџерка на САД, а потоа како креатор-водител на реалното шоу на телевијзта „Ен-Би-Си“ цели 14 сезони. Тој објави и неколку книги, а се појавуваше и во филмови.
Богатството на Доналд Трамп во моментов се проценува на четири милијарди долари, откако се намали во изминатите неколу години во кои прогласи стечај на свои бизниси во шест одделни случаи. Неговиот деловен живот е проследен и со контроверзи, особено откако во 2020 година „Њујорк Тајмс“ откри години на избегнување данок на доход и хронични финансиски загуби. Трамп или една од неговите компании биле вклучени во 3.500 правни случаи во федерални и државни судови од кои во 1.450 случаи бил тужен.
Приватниот живот на Трамп секогаш бил под лупа на јавноста. Тој се женел трипати од кои најпозната е неговата прва жена, Ивана Ивана Зелничкова, чешка спортистка и модел, со која има три деца. Од бракот со актерката Марла Мејплс ја има ќерката Тифани. Актуелна сопруга на Трамп е поранешната словенечка манекенка Меланија Кнаус, со која го има синот Барон Вилијам Трамп.
Кариерата на Трамп како бизнисмен и шоумен ја следеа и вонбрачни афери, но и обвинувања за сексуални злоупотреби за кои се водеа и судски процеси.
Трамп како претседател во претходниот мандат ќе остане запаметен и по тоа што секојдневно ги користеше социјалните мрежи за да ја зголеми својата популарност, особено „Твитер“.
Тамара Грнчароска











