Изместени од лежиште и подигнати се дел од гранитните плочки на битолски Широк Сокак кои ги следат контурите на монтажното лизгалиште на плоштадот „Магнолија“. Тоа беше поставено пред два месеца и веќе не е во функција, но сè уште не е отстрането, па не може да се види каква е состојбата на плочките кои се под овој монтажен објект на амбиенталната улица под строга заштита. Од Општина Битола велат дека доколку има одредени оштетувања на плочките, тие ќе бидат вратени во првобитна состојба.
„Констатирана е денивелација на одреден број на плочки од подлогата, но тоа во никој случај не упатува на оштетувања. Денивелираните плочки се отстрануваат, по што се интервенира со нивелирање на нивната подлога и се враќаат плочките на претходната позиција“, се наведува во одговорот од Општина Битола.
Од локалната власт тврдат дека не е потребно одобрение од Управата за заштита на културното наследство за поставување на монтажното лизгалиште, затоа што станува збор урбана опрема. За гранитните плочки на Широк Сокак имаше реакции и во септември лани, кога организаторите на фестивалот „Браќа Манаки“ ги отстранија старите и поставија нови плочки со изгравирани ѕвези на лауреатите, без да побараат согласност од Управата. Сега се бара начин како да се легализираат незаконски поставените ѕвезди.
„Во конкретната ситуација требало само да се обратат во УЗКН за да добијат конзерваторско одобрение за поставување на овие ѕвезди на плочките на Широк Сокак. Сега тече жалбената постапка и во соработка со Општина Битола ќе најдеме начин како ова да го ставиме во рамки на Законот за да бидат запазени сите вие процедури“, вели Весела Честоева, директорка на УЗКН.
Не се поштедени ниту уникатните фасади на битолски Широк Сокак, па се поставуваат тенди со држачи, светлечки излози и реклами, клими, а дополнително изгледот го нагрдуваат и монтажните лимени објекти за пушачи пред кафулињата. И туристичките водичи укажуваат дека неопходно е да се промени ваквата слика.
„Времени објекти треба да изгледаат поубаво, адекватно на архитектурата и сите оние реклами што блештат мора да постои регулатива со која ќе се спречи нагрдувањето на старата архитектура и таа ќе дојде до израз“, вели туристичкиот водич Горан Пизна.
Широк Сокак е дел од старото градско јадро, а во 2015 година оваа споменична целина со закон е прогласена за културно наследство од особено големо значење. Во режимот на заштита, покрај другото, наведено е дека не смее да се менува изгледот на амбиенталната улица, но законот речиси и да не се почитува.
Емилија Мисирлиевски











