Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) денес отвори мисија за набљудување на локалните избори во Северна Македонија на 19 октомври, по покана од националните власти.
Мисијата ја предводи Матео Мекачи и е составена од 13 експерти со седиште во Скопје. 24 долгорочни набљудувачи ќе бидат распоредени низ целата земја од 11 септември, а ОДИХР, исто така, побара 250 краткорочни набљудувачи да пристигнат непосредно пред денот на изборите.
Набљудувачката мисија ќе ги процени изборите за нивната усогласеност со обврските на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и со националното законодавство.
Набљудувачите внимателно ќе ги следат сите клучни аспекти на изборите, вклучувајќи ја регистрацијата на гласачи и кандидати, активностите на кампањата, како лично, така и преку интернет, работата на изборната администрација и другите државни органи, употребата на нови технологии во изборниот процес, законската рамка, политичкото финансирање и финансирањето на кампањата и решавањето на изборните спорови. Тие, исто така, ќе ја проценат имплементацијата на претходните препораки на ОДИХР. Сеопфатното следење на медиумите е составен дел од набљудувачката мисија.
Во текот на набљудувањето, мисијата ќе одржува состаноци со претставници на националните власти и политичките партии, како и со судството, граѓанското општество и медиумите.
На денот на изборите, Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа и Европскиот парламент планираат да се приклучат на мисијата на ОДИХР за да го набљудуваат отворањето на гласачките места, гласањето, броењето на гласовите и сумирањето на резултатите.
Привремен извештај ќе биде објавен околу две недели пред денот на изборите за да се информира јавноста и медиумите во текот на набљудувањето. Конечен извештај во кој ќе се оцени целиот изборен процес и ќе бидат содржани препораки ќе биде објавен два месеци по завршувањето на изборниот процес.











