Одлуките на Владата за ограничување на бруто профитната маржа и за замрзнување на дел од цените на прехранбените производи се објавени во „Службен весник“ со што од денеска се очекува поевтинување на повеќе од 1000 производи.
Одлуките беа донесени на седница на Влада во вторникот, а ќе траат до 30 април. Опфатени се производи од 102 групи. Трговците се должни да имаат најмалку 70 проценти на рафтовите од овие производи.
Согласно владината одлука за ограничување на бруто профитната маржа, на пет проценти е ограничена маржата кај млекото, лебот, брашното тип 400 и 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселот млеко, на 10 отсто кај месото и преработките од месо, шеќерот, млечните производи, маргаринот, путерот, конзервирниот зеленчук и овошје, гравот, оризот и тестенините и на 15 проценти кај средствата за хигиена, свежото овошје и зеленчукот, детергентите, бебешката храна, пелени, сапун, тоалетната хартија и слично.
Со одлуката за утврдување на највисоки цени на осум групи основни прехранбени производи, пак, како највисока цена треба да се земе цената од први февруари годинава.











