Основното јавно обвинителство Скопје, во соработка со СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал, покрена кривична постапка против две физички и едно правно лице за загрозување на животната средина и природата со отпад.
Станува збор за нелегално складирање на отпадно железо, електронски отпад, делови од стари автомобили и други отпадни материјали на локација без соодветна дозвола во Шуто Оризари.
На 9 јули на оваа локација избувна неконтролиран пожар кој поради големината и опасноста од отпадот не можел веднаш да биде изгаснат.
При согорувањето биле испуштени штетни гасови и чад, што предизвика опасност за здравјето и животот на населението во околината. Армијата, преку Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана, потврди зголемено ниво на загадување во воздухот.
Јавното обвинителство продолжува со истрагата, а полицијата и инспекциските служби веќе презедоа голем број мерки, вклучувајќи обезбедување документи и извршување вонреден инспекциски надзор.
Следуваат дополнителни распити и вештачења за целосно расветлување на случајот.











