Општините од истокот и годинава бележат пад на бројот на запишани првачиња во основните училишта. Иселување во странство, но и на младите во Скопје се причина што во училишните клупи ќе седнат помал број на првооделенци. Во Штип годинава има 35 помалку ученици, во споредба со лани, или тоа е една паралелка помалку во петте основни училишта.
Уписите на првачињата се во тек, а се очекува во септември да се запишат и децата, кои со своите родители се на сезонска работа во земјава и странство.
„Имаме запишано, очекувам број на првачиња. Малку е намалена бројката од минатите години меѓутоа не толку загрижувачка како што претходните години беше тренд. Значи бројката на запишани првачиња во моментов изнесува 363 дечиња на ниво на општина, а мината година во овој период сме имале 398 првачиња. Тоа значи дека на ниво на општина 35 дечиња се запишани помалку“ вели Снежана Санева раководител во Општина Штип.
Реонизацијата се почитува согласно измените на Законот за основно образование. Родителите веќе ја немаат можноста да ги запишуваат децата во училштата кои не се во нивниот реон, согласно адресата на живеење.
„Можеме да кажеме дека е подобрена состојбата на тоа поле и дека родителите ги запишуваат децата во реоните кадешто припаѓаат, иако има спорадични појави на повторно недобри практики, да кажеме на менување на адреса на родителите се со цел да го запишат детето во она училиште кадешто сакаат“ додава Санева.
Пред 15 до 20 години во штипските основни училишта во прво одделение се запишуваа околу 1.000 ученици, последните неколку години оваа бројка изнесува околу 400.
Викторија Димитрова Јованова











