Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Осуда и барања за одговорност по дивеењето за прославата на албанското знаме

/

пред 694 дена

Сподели преку :

Газењето и палењето на македонското знаме и нецивилизираното дивеење на прославата на Денот на албанското знаме ги зовре тензиите и меѓу партиите. Се бара одговорност за виновниците кои „славеа“ со рафални истрели од огнено оружје, пеење песни дека Скопје е албански град, развеани албански знамиња (меѓу кои и иредентистичкото на „Голема Албанија“), но и за полицијата која, за дел од опозициските партии, реагирала несоодветно и благо, а за ДУИ претерано. Се повикува и населението да не подлегнува на провокации и да реагира трезвено.

Мицкоски се сомнева дека синоќешното дивеење нема да биде изолиран случај, затоа и доказите за сè што се случуваше, како и за тоа што имаат сознанија дека се планира во иднина, се доставени до меѓународните партнери.

На разум и меѓусебно почитување повикаа и од коалицијата „Вреди“ кои го нарекоа чинот срамен и неприфатлив. Од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, пак, сметаат дека „извршителите на овие грди дела не му направиле чест ниту на знамето, ниту на својот народ“. Нивниот коалиционен партнер од ЗНАМ, Максим Димитриевски, пак, на Фејсбук напиша дека, „по ова денеска, на тест е нашиот мултиетнички капацитет, дали е тоа искрена желба или, пак, само фарса?

Функционерите на СДСМ го изразија револтот со масовно објавување на македонското знаме на своите профили на социјалните мрежи. Тврдат дека полицијата целосно потфрлила во превенцијата и контролата на ситуацијата и изненадени се од тоа што министерот не си поднесе оставка.

И од Левица излегоа со став дека полицијата не реагирала соодветно за заштита на јавниот ред и мир. Сметаат дека со молчење кон понижувањата не се гради соживот. Бараат одговорност и казни за сторителите, но и одговорност од министерот.

Од ДУИ сметаат дека инцидентите биле испровоцирани од полицијата која не дозволила да се прославува на плоштадот во Скопје, затоа што прославата не била претходно најавена што е законска обврска.

Од Демократскиот сојуз, пак, го вперија прстот во ДУИ за кои велат дека подолго време, преку дезинформации за наводна незастапеност на Албанците во власта, укинувањето на балансерот и наводна загрозеност на употребата на албанскиот јазик, поттикнуваат етнонационализам насочен кон дестабилизација.

Од Социјалистичката партија побараа партиите на македонските Албанци од власта и од опозицијата, како најодговорни за инцидентите, да се заложат за смирување на ситуацијата.

Осуда за сквернавењето на знамето и хулиганското дивеење стигна и од ЛДП кои сметаат дека еднаш засекогаш треба да се излезе од етничките трла и да се работи на зачувување на демократските вредности и интегритетот на државата.

Далиборка Демјанска Цветановска