Осумнаесет кандидати ќе влезат во трката за градоначалник на Скопје на претостојните локални избори доколку Државната изборна комисија ги потврди нивните кандидатски листи.
Рокот за поднесување кандидатури истече на 13 септември на полноќ. ДИК соопшти дека до завршување на рокот за поднесување на кандидатски листи за градоначалници и совети на 80 општини и на Градот Скопје, до општинските изборни комисии се поднесени вкупно 312 листи на кандидати за градоначалници и 575 листи на кандидати за советници на општините и Градот Скопје. Во оваа бројка се вклучени листите на кандидати од политички партии и листите поднесени од група избирачи.
Најголем број на кандидатски листи за градоначалници и совети е поднесено за Градот Скопје односно вкупно 18 листи на кандидати за градоначалник на Град Скопје и 20 листи на кандидати за членови на Советот на Град Скопје.
По завршување на процесот на проверка на документацијата и исполнетоста на законските услови и потврдување од страна на ОИК, ДИК ќе ги објави сите потврдени листи по општини кои ќе учествуваат на изборите.
Жрепката за утврдување на единствена листа на кандидати ДИК ќе ја одржи најдоцна на 25 септември.
Првиот круг од локалните избори ќе се одржи на 19 октомври 2025, а вториот две недели подоцна, на 2 ноември.
Изборната кампања официјално ќе започне 20 дена пред денот на гласање.











