Со свечена литургија и присуство на голем број верници, денеска беше осветена новоизградената црква „Свети Константин и Елена“ во центарот на Скопје. Чинот на осветување го предводеше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој порача дека храмот претставува нов сведок на вековната црквоградителска традиција на македонскиот народ.
Архиепископот истакна дека храмот не e само архитектонска убавина, туку и духовен простор кој повикува на молитва, преобразба и духовно издигнување.
„Не е доволно да се восхитуваме на убавината, туку треба и нашите души да ги разубавуваме во него“, рече тој, нагласувајќи дека најубав храм е оној исполнет со верен народ.
Изградбата на храмот започна во 2012 година и траеше 13 години, а завршните работи беа интензивирани во 2024 година.











