Заврши истрагата за полициските службеници, осомничени за трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“. Ова за Телма го потврдуваат од обвинителстовто за гонење на организиран криминал и корупција кое ја работеше истрагата. Од таму велат дека во деновите пред Нова година започнале да се доставуваат известувања до осомничените полицајци за завршена истага, но не се знае точно дали сите ги примиле известувањата.
„Во завршна фаза е случајот против полицијата кој го води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и во рамките на кој се очекува одлука во текот на јануари 2026. Откако сите ќе ги примат известувањата, почнува да тече рокот за увид во доказите и доставување на докази од одбраната“, соооштуваат од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Дел од адвокатите кои ги застапуваат полицајците потврдуваат дека на крајот од годината добиле известувања за завршена истрага. Адвокатот Асмир Алиспахиќ брани пензиониран полицаец од ОВР Кочани кој беше во првата група уапсени и кој првично добија мерка притвор, но потоа ослободени. Вели дека побарале да направат увид во доказите, но и препис на списите, но дека почнале новогодишните празници, па сè уште чекаат одговор од обвинителството. За нив е спорно делото за кое беше првично уапсен полицаецот а тоа е тешки дела против општата сигурност.
Вкупно 28 полициски службеници, инспектори и началници од СВР Штип и Кочани се осомничени дека предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето, овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови. Тринаесет од нив се актуелни полициски началници и полицајци кои биле на задача во ноќта на пожарот и последно се најдоа на листата осомничени. Се очекува во текот на овој месец обвинителството кое е специјализирано само за предмети каде се осомничени полицајци да донесе одлука дали против сите ќе поднесе обвинение.
За министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, големиот број на службеници кои се под истрага значеше дека ѝ требаат огромни реформи на полицијата. Во дискотеката „Пулс“ загинаа 63 млади луѓе, а повеќе од 220 беа повредени. Во моментот кога настанал пожарот имало полициска рација за откривање на малолетници и дрога во кабарето. Родителите на жртвите се сомневаа дека сопственикот добил дојава за ваквата акција и побараа одговорност од министерот. Во пожарот загина и еден полицаец кој бил присутен ноќта на 16 март.
Билјана Николовска Тодорова











