Папата Лав Четиринаесетти денеска за време на еднодневната посета на Монако ги повика жителите на кнежевството да го споделат своето богатство и да им помогнат на оние на кои им е потребна помош.
„Во Божјите очи ништо не се добива залудно. Секое добро што ни е доверено, носи суштинска потреба да не се задржи, туку да се сподели, за животот на сите да биде подобар“, рече папата.
Папата Лав Четиринаесетти е првиот поглавар на Римокатоличката црква по речиси пет века кој го посетил богатото медитеранско кнежевство. Во Монако пристигна по деведесетминутен лет со хеликоптер од Ватикан.
Со својот официјален подарок, папата ја повтори пораката дека богатите треба да им помагаат на помалку среќните, подарувајќи му на принцот уметничко дело изработено во ватиканското студио за мозаици – претстава на свети Франциск Асишки, син на богат италијански трговец од 13 век, кој се откажал од наследството за да им помогне на сиромашните.
Монако, втората најмала држава во светот по Ватикан и една од ретките земји каде што католицизмот е државна религија, има највисока концентрација на милијардери по глава на жител. Ова е само втора посета на папата Лав XIV надвор од Италија од неговиот избор, а најавено е дека во април ќе посети четири африкански земји, како и Шпанија во јуни.











