Социјалдемократите бараат гаранции од Бугарија дека нема да има нови пречки на европскиот пат. Претседателот на партијата, Филипче, ги повика бугарските власти да се однесуваат европски, со тоа што ќе гарантираат дека ќе бидат тргнати настрана барањата поврзани со најчувствителните прашања.
Овој став на лидерот на СДСМ доаѓа три дена откако Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент го одложи гласањето за усвојување на Предлог-извештајот за Македонија за 24 јуни.
На основниот предложен текст на Извештајот, беа поднесени вкупно 313 амандмани, од кои посебно внимание предизвикаа тие со кои се нагласуваат македонскиот јазик и идентитет.
„Да се однесуваат поевропски! Ако ние стравуваме дека утре може да има некаква блокада на непринципиелна основа, на основа на јазикот, идентитетот, итн, нека покажат европско однесување и нека кажат дека нема да има. Толку. Нека кажат не, ние сакаме нашите соседи да се во Европа, еве ќе ви дадеме поддршка, не се грижете нема да има такви барања. Е тоа е вистинска добрососедска политика, а не само да притискаш неко што е помал и послаб од тебе“, вели Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на изјавата на лидерот на СДСМ, со оценка дека дошол на нивниот став.
„Филипче дојде на ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека не е само прашање промената на Уставот. Дали оваа негова изјава ќе еволуира во изјава како онаа „додека дишам, мојата македонска жица никој нема да ја допре“, по што ќе следи ново велепредавство на македонските национални интереси, слично со тоа што се случи неговиот ментор со кого тој е секој ден“, вели Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според пишувањата на Политико, седумнаесет бугарски европарламентарци се потпишани на писмо со кое го осудуваат Томас Вајц, австриски пратеник од Партијата на зелените и известувач за Македонија во Европскиот парламент. Од бугарска страна оценуваат дека македонската Влада извршила прекумерно влијание врз Вајц и дека тој ги игнорира нападите на бугарското малцинство во земјата.
Вајц, пак, реагираше дека е мета на бугарските европарламентарци, поради тоа што не потпаднал под нивниот притисок. Политико пишува и дека Вајц добил пораки со заканувачка содржина откако неговиот телефонски број протекол на бугарски екстремно-десничарски профили на социјалните мрежи.
Медиумот се осврнал и на спорот помеѓу двете земји, со напис дека Бугарија ја обвинува Македонија за негирање на „заедничката историја“ и корените на македонскиот јазик и идентитет.
Петар Догов











