„ПР драма на премиерот“. Вака претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ги нарече изјавите на Мицкоски за хибридни напади по пожарите во Дрисла, Вардариште и Трубарево. Го обвини дека неосновано манипулира со теми од безбедносната сфера.
- „Ако навистина сме под напад, каде е Советот за безбедност? Каде е Армијата? Каде е Министерството за одбрана? Зошто не е информирано НАТО? Ништо од тоа не се случи“, изјави Филипче.
Министерот за внатрешни работи, пак, тврди дека постојат индиции за ваквите изјави, но во интерес на истрагата не сакаше да сподели повеќе детали. Ги повика сите институции да преземат мерки во рамки на нивните надлежности и да си ја работат работата превентивно, а инспекторатите да излезат на терен. Уверува дека истрагата ќе се води на сите нивоа, а ќе бидат вклучени и разузнавачките агенции.
- Будни сме, присутни сме на терен, ќе бидат ангажирани и АНБ и сите системи за набљудување, но повеќе детали не можат да откријам, рече Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Обвинувања има и меѓу партиите на Албанците. ДУИ излезе со критика кон министерот за животна средина, Изет Меџити, обвинувајќи го за негрижа и неодговорност, на што од „Вреди“ им вратија со контра-обвинување дека токму ДУИ ја дале дозволата за работа на фирмата за електронски отпад во скопско Трубарево, во чиј објект во саботата избувна пожар.
Додаваат и дека, за две децении на чело на секторот екологија, ДУИ создале депонии во центарот на Тетово, во центарот на Кичево, до Струга, како и десетици депонии околу Скопје, а управуваат и со јавното претпријатие за отпад во Скопје.
Далиборка Демјанска











