Сточарите од Пелагонија најавуваат протести доколку до крајот на идната недела не им бидат исплатени субвенциите. Реагираат и на падот на цената на млекото. Велат дека дел од субвенциите од минатата година се уште не се исплатени, а намалената цена на млекото дополнително ги става во тешка финансиска состојба. Бараат итна реакција од институциите.
„За 2025 година немаме добиено исплата за осум или девет месеци. Кај некои пуштија за два или три месеци за предадено млеко по литар. По осум илјади денари треба да се добијат по грло. Моментално треба да добијам околу четири илјади евра. Ако ги добијам одеднаш е во ред, ама ако е на рати ништо не ми значи. Сега почнува и пролетната сеидба и ни требаат пари“, кажа Тони Петковски, млекопроизводител и претседател на здружението „Пелагониско поле“.
„Катастрофа е. Намалена е цената на млекото, а субвенциите не се исплатени. Сега најмногу ни требаат пари за ѓубриво и за работа, а од лани имаме земено само за два до три месеци“, кажа Валер Јусеновски, сточар.
„Вака веќе не може. Ќе мора да се откажеме од сточарството“, кажа Мевљудин Ќулафовски, сточар.
За проблемите со кои се соочуваат земјоделците, министерот за земјоделство Цветан Трипуновски најави кампања „Гласот што го слушаме – македонско најдобро“, преку која тимови од повеќе институции ќе одржуваат директни средби со земјоделците, со цел да ги слушнат нивните проблеми.
„Нашата цел е во следниот период два големи тима да посетат повеќе од 30 општини низ Македонија. Додека шест помали тимови ќе посетат над 120 населени места. Овие средби ќе се одржуваат секоја среда и сабота како големи тимови, а во петок помалите тимови ќе одржат директни средби со земјоделците“, изјави Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Сточарите предупредија дека доколку нема слух за нивните барања ќе се откажат од сточарството, бидејќи веќе станува неиздржливо. Од министерството пак изјавија дека по лозарите и овоштарите, млекопроизводителите се следни за исплата на субвенциите.
Тамара Марковска











