Вчитување реклама ...
Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

„Пет до дванаесет“ помина, ССМ оди на улица – работниците на 14 март ќе протестираат за повисоки плати и достоинствен живот

/

пред 214 дена

Сподели преку :

„Пет до дванаесет“ одамна помина, а трпението на работниците е на крај. На 14 март пред Работничкиот дом во Скопје започнува нов протест, ќе продолжи кон Собранието, Стопанската комора и Владата.

Овој датум е „новиот Први мај“ порача синдикалниот лидер Слободан Трендафилов и ги повика сите работници да дојдат и заедно да се борат за повисоки плати и достоинствен живот. Од ССМ велат – колку ќе дојдете, толку и ќе добиете.

„Четиринаесетти март во сабота е новиот „Први мај“. Но, не е продолжен викенд и немате изговори да не дојдете и да се придружите на борбата за зголемување на вашите плати. Ќе организираме превоз од сите градови на Македонија, затоа што тоа работниците го побараа од нас – оние работници кои не успеаја да дојдат во јануари на големиот работнички протест. Од почетокот на оваа година, за две илјади денари е зголемена вредноста на минималната синдикална кошничка. Тие сакаат да ви дадат 1667 денари, што ниту малку не ја покрива оваа сума којашто повеќе ја немате во вашите џебови“, изјави претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов. 

Првиот човек на ССМ предупредува на политички игри во следниот период и тврди – синдикатот нема да потклекне. Се огради од секакви влијанија и етикетирања на протестот.

„Ги отфрламе сите политички игри на грбот и на маката на работниците, сите политички игри кои се правеа и сите политички игри кои ќе се обидат да ги прават во наредниот период, затоа што до нас пристигнуваат и такви загрижувачки информации. Овие политички игри се поврзани и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ и со сите политички и активни чинители во Македонија. Сите бевте сведоци како кога се во опозиција се со работниците, но каде се кога се власт“, додаде Трендафилов. 

Во понеделникот, Сојузот на синдикати не даде легитимитет на седницата на Економско-социјалниот совет, го напуштија состанокот и порачаа дека Владата, работодавачите и другите синдикати се на истиот став – да има само законско усогласување на минималната плата, но не и да се зголеми. Минималецот сега ќе чини 26 илјади денари.

Министерот за економија, Бесар Дурмиши, порача дека со законското усогласување се согласиле сите присутни синдикати освен ССМ. За владината просечна потрошувачка кошничка, министерот тврди дека е реална – иако поевтина од пресметките на синдикатите.

Покрај протестот на ССМ закажан за идната сабота, во најава е и одржување на генерален штрајк со цел остварување на барањата, а тоа се: минимална плата од шестотини евра и зголемување на другите плати за сто евра.

Петар Догов