Има или нема француски предлог за кревање на бугарското вето за Македонија. Два дена по информацијата која ја објавија медиумите дека францускиот претседател, Емануел Макрон, има подготвено план за затворање на бугарско-македонскиот спор кој во Париз треба да му биде презентиран на бугарскиот државен врв, прво бугарскиот претседател, Румен Радев, а денеска и бугарскиот премиер, Кирил Петков, неформално го ставија ад-акта. Радев прв, уште вчера, соопшти дека не планира да патува за Франција бидејќи нема поместување во разговорите меѓу Софија и Скопје, додека Петков денеска изјави оти тој лично не видел таков предлог.
„За планот на Франција, иако јас лично не сум видел ништо црно на бело, се разбира ние секогаш сме отворени и подготвени да разговараме со сите наши европски партнери ако имаат некакви предлози кои имаат смисла, но ќе повторам, тие треба да се во рамките на рамковната позиција на Бугарија “, изјави Петков.
Петков денеска освен бетонирањето на позицијата на бугарската влада кон земјава во рамковната позиција, денеска повторно се правдаше дека во контекст на Македонија нема ништо да направи на своја рака, откако шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска, повторно го обвини дека тимот на Петков на различни начини продолжува да го саботира процесот кој се води со Македонија, а кој официјално е во надлежност на министерството за надворшени работи.
„Ништо нема да се направи без бугарскиот парламент. Така што, какви и различни движења да има, тоа е прашање кое треба да се реши национално. И пред да го изнесам тоа прашање во бугарското Собрание, кога и да се случи тоа, оваа влада нема да направи ништо без таква поддршка“, рече Петков.
Петков денеска уверуваше дека што и да се направи по прашањето на Македонија, па дури и да се потврди рамковнста позиција на Бугарија, тоа повторно ќе помине низ бугарското Собрание.
Инаку Рамковната позиција која ја усвои бугарската влада во 2019 детално ги опишува условите и фазите кои Македонија би требало да ги помине за да ги почне прегвоорите со ЕУ, преку исполнување на 20-на услови меѓу кои се и барањето земјава да признае дека македонската нација е вештачки создадена, дека двете земји имаат заедничката историја до 1944 година, но и барањето во документите на ЕУ да никаде не фигурира „македонскиот јазик“.
Тамара Грнчароска











